Мукаетов: Останувам на чело на РФМ, сега не е време да си заминам!

Првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, потврди дека останува на својата позиција, иако пред неколку месеци најави повлекување.

Тој смета дека сега не е време за заминување. Тоа го заклучил по разговор со неколку ракометни работници, а бил мотивиран од позитивната енергија од изминатите настани.

„Пред неколку месеци најавив заминување од позицијата претседател на Ракометната федерација на Македонија. Најавив повлекување од позицијата претседател. Девет години се многу, тоа е долг период во кој заедно минувавме низ добри и лоши моменти. Сепак, сите овие настани, позитивната енергија, обврските што ни претстојат и по разговорот со ракометни работници, сметам дека не е моментот за заминување од функцијата. Мандатот минатата година беше потврден, па сметам дека треба да останам на функцијата, со сите вас и заедно да се бориме и заедно да чекориме напред. Овој Управен одбор има капацитет за водење на федерацијата. Потврдувам дека останувам на функцијата.

„Знам дека има мераклии за оваа позиција, но сметам дека политиката треба да се држи надвор од ракометот“, порача Мукаетов. 

Во последната деценија Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги оствари најголемите успеси, организационо порасна и скоро секоја година организира големи ракометни натпреварувања. Мукаетов има поддршка од сите структури и неговото останување е одлична вест за македонскиот ракомет. 

Македонската репрезентација преку Чешка се избори за ново учество на Светско првенство, кое наредната година ќе се одржи во Полска и Шведска.