Мукаетов: Огромно благодарам за Лазаров и големо браво за ракометарите за големиот успех!

Алкалоид на „зелена маса“ го доби победничкиот пехар во Европскиот Куп откако ЕХФ одлучи да го регистрира неодиграниот реванш од финалето против АЕК со службени 10:0 за нашиот тим, бидејќи Грците одбија да истрчаат на теренот.

Eкипата на Алкалоид предводена од Кире Лазаров, со две победи (29-25 во Грција и службените 10-0 во реваншот) официјално е прогласена за победник во натпреварувањето под капата на ЕХФ.

Првиот европски трофеј на младиот скопски клуб му го честита и претседателот Живко Мукаетов.

„Со визија изградена врз млади македонски таленти, силна верба во тимот и професионализам според светски стандарди – РК Алкалоид испиша нова страница во европскиот ракомет. Многумина не веруваа дека е возможно да се стигне толку брзо од салата во Автокоманда до врвот на Европскиот Куп, но малку е ако кажам дека ми е навистина драго што успеавме!

А како? Со напорна работа, максимална посветеност, силен тимски дух, верба во фер-плејот и лидерство какво секој би посакал на клупата. Искрени честитки и од срце ОГРОМНО благодарам на Кирил Лазаров, кој и официјално стана прв македонски тренер во историјата на македонскиот ракомет кој освоил Европски трофеј.

Огромно БРАВО за момците кои јуначки и витешки се бореа на секој меч! Секоја чест на стручниот штаб за професионално сработените задачи - докажавме дека со чесен, искрен и транспарентен пристап, без скриени ракавици и задкулисни игри, успехот секогаш сам доаѓа!

За крај, и над сѐ, благодарност од СРЦЕ на прекрасната публика: вработените во Алкалоид, прекрасните „Кафетинки“, подмладокот од Алкалоид и Мулти есенс, кои безрезервно ги бодреа своите идоли, како и непоправливите „ентузијасти“ кои верно нѐ следат на секој натпревар.

Поздрав од плаво-белите од Автокоманда!
Одиме понатаму 
Со верба во себе и верба во Бога!
НАПРЕД АЛКАЛОИД!“, напиша Мукаетов на социјалните мрежи.

Алкалоид сезоната ја заврши со два трофеи, бидејќи на почетокот го освои и Суперкупот на Македонија, со победата во Гевгелија против Еурофарм Пелистер.