Мрваљевиќ: Ќе биде тешко, Македонија е навистина искусна екипа

Асистентот на Зоран Рогановиќ, Драшко Мрваљевиќ ја водеше селекцијата на Црна Гора против Данска, во тренинзите пред и по натпреварот и зборуваше за медиумите. Селекторот Рогановиќ чека втор негативен тест и можеби ќе се најде на клупата за дуелот денес против Македонија, но доколку не стигне навреме тимот пак ќе го води Мрваљевиќ.

Според него, Македонија има навистина добар тим, подели комплименти за играчите и стручниот штаб и најави голема борба. 

„Македонците, ние и Словенците знаевме дека меѓу нас ќе се бара втората екипа која ќе се пласира во следната фаза. Многу ја ценам Македонија која веќе долго игра на големите натпреварувања. Тоа е искусна екипа, а и стручниот тим е навистина организиран и морам да им честитам на тоа. Ова ќе биде тежок натпревар, тактички тежок за припрема, бидејќи ривалот има голем квалитет. 

Против Данска игравме првпат на ова Европско првенство и бевме нервозни. Имавме и почетничка трема, бидејќи во тимот има доста дебитанти. Се надевам дека ситуацијата со играчкиот кадар ќе се поправи, но тоа ќе го знаеме непосредно пред мечот со Македонците. Едноставно таква е ситуацијата, мора да импровизираме“, изјави Мрваљевиќ.

Пресметката на Македонија и Црна Гора во Дебрецин ќе се одигра денес со почеток во 18:00 часот.