• Саше Љолес
Ракометарите на Кил на чудесен начин успеаја да ја надополнат огромната негатива од девет гола од првиот натпревар со Монпелје и славеа со конечни 31-21 во возвратниот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите, со што си обезбедија учество на завршниот турнир.
Францускиот тим допатува со предност од девет гола, но успеа да ја „прокоцка“ оваа залиха и на крајот со наведнати глави ја напушти салата. Германскиот гигант водеше со пет гола на паузата (17-12), а во вториот дел стави во посилна брзина и тргна во фуриозна офанзива.
Монпелје делуваше загубено на одредени моменти и му дозволи на ривалот комплетно да се врати во игра, а искусен тим како Кил знаеше како да го искористи сето тоа и на крајот успеа да донесе огромна радост за своите навивачи.
Паниќ ја имаше последната шанса да го „оживее“ францускиот тим, но Мрква беше неверојатен на голот и ги одбрани последните два удари, обезбедувајќи деветто учество за својот клуб на завршниот турнир во Келн. Натпреварот заврши со резултат 31-21, а најдобар поединец кај победниците беше Швеѓанецот Ерик Јохансон со осум постигнати голови.