• Горан Упале
Ракометарите на Вардар остварија голем успех на меѓународна сцена и главната група од Европската лига ја завршија на лидерската позиција, што ги носи директно во четвртфиналето во ова натпреварување на ЕХФ.
Македонскиот тим одигра најдобро кога беше најпотребно и запиша големи победи над Бенфика дома и Мелсунген на гости. Четата на Иван Чупиќ на овие натпревари беше предводена од Јака Малус, средниот бек на Словенија кој во клучниот дел од сезоната влегува во фантастична форма и е „мозокот“ на екипата. Не само што ја разигрува, туку и сè почесто се наоѓа во ситуација на реализатор.
Неговите одлични настапи му обезбедија место меѓу петте најдобри стрелци во досегашниот дел од сезоната во Европската лига. Словенечкиот ас има постигнато 57 гола и со тоа е на петтото место кај стрелците. На првото место е Аксел Менсон од Кристијанштад.





