Може ли Македонија да ја сопре перфектната Португалија?

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија се наоѓа пред осминафиналниот предизвик на Светското првенство (СП) кое се игра во нашата земја.

Ривал во првиот нокаут-филтер за нашите ракометни надежи е селекцијата на Португалија, која игра перфектен турнир. Португалците завршија како лидери во групата со пет победи на пет натпревари. Славеа над Германија, Исланд, Тунис, Србија и Бразил и покажаа дека на овој турнир имаат високи амбиции.

Македонија, пак, на спротивната страна, одигра доста мачна групна фаза, под очекувањата, со три порази од Аргентина, Данска и Јапонија и две тешки победи над Нигерија и Бахреин.

Кај тимот на Брестовац постои оптимизам за дуелот со Португалија, најавена е борба до самиот финиш, но судено според претходната игра, се отвора прашањето, дали Македонија може да го сопре перфектниот ривал на СП и да се пласира меѓу најдобрите осум селекции во светот?

Натпреварот стартува од 20:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а подобриот од дуелот ќе вкрсти во четвртфиналето со Франција или Норвешка.