Може ли Кирил Лазаров да ги изненади и „своите“?

Кирил Лазаров и Нант направија сензација во последното коло од Лигата на шампионите. Славеа над германскиот шампион Кил, а сега следи нов дуел со првак, овој пат со шпанска Барселона.

Избраниците на Чави Пасквал важат за апсолутни фаворити на хартија на овој натпревар. Имаат две победи на два меча, сигурно ги совладаа Мотор и Целје, но Нант и Лазаров покажаа дека по корона-кризата и враќањето на ракометот се е можно.

За македонскиот капитен овој натпревар ќе биде специјален, затоа што против себе ќе ги има „своите“. Токму со Барселона, најтрофејниот ракометар во нашата историја ги оствари најголемите успеси. 40-годишниот светиниколчанец играше за тимот од Каталонија од 2013 до 2017 година.

Таму освои вкупно 15 титули, а најважна е онаа во сезоната 2014/15, кога за првпат, воедно и единствен во досегашната кариера стана европски првак. Миленикот на шпанската публика сега ќе мора против „своите“. Може ли Нант до второ изненадување во низа во Лигата на шампионите?

Покрај дуелот Нант - Барселона, во вечерниот термин од 20:45 часот во рамки на Лигата на шампионите ќе се соочат Целје - Кил и Елверум - Киелце. Во рамки на второто коло требаше да се игра и мечот меѓу ПИК Сегед и Вардар, но истиот е одложен.