Може ли Ференцварош со лудата поддршка да го детронизира првакот?

Ракометната Лига на шампионки дојде до самиот крај. Домаќинот на завршниот турнир Ференцварош ќе го предизвика големиот фаворит Вајперс Кристиансанд за трофејот во „МВМ Дом“ во Будимпешта. 

Во текот на полуфиналето, публиката и лудата поддршка од трибините беа осми играч на Ференцварош. Срушен беше светскиот рекорд за посета на еден женски ракометен натпревар, а тоа беше огромна помош за тимот од Будимпешта во походот да се исфрли Есбјерг. Самиот пласман на „фајнал-фор“ турнирот е успех за Ференцварош, а сè останато за нив е „гратис“. Тимот кој покажа особена пожртвуваност, тимска хемија и многу борбеност има пеколно тешка задача. 

Вајперс Кристиансанд е европски првак две години во низа, а важи за фаворит и во пресрет на денешното финале. Норвешката екипа е непоразена во 2023 година, последен пат загуби во декември од ЦСМ Букурешт, а сезонава ги победи само уште Битингхејм. Сепак, Ференцварош се судри со гигантот двапати во групната фаза, еднаш во Будимпешта беше нерешено, додека во Норвешка загуби минимално (27-26). Тоа им дава за право да се надеваат. 

Во редовите на Ференцварош една од главните алки е поранешната херојка на ЖРК Вардар, Андреа Лекиќ, додека во зелениот дрес настапува и Драгана Цвијиќ. Двете ракометарки од Србија, приказната на Ференцварош ја поврзаа со вардаровата, бидејќи како аутсајдер дојдоа на завршниот турнир и таму имаат мотиви. 

Финалето се игра во терминот од 18:00 часот, додека претходно од 15:15 часот е натпреварот за третото место меѓу Ѓер и Есбјерг.