Може ли дебитантот Алборг да ја спречи Барса на патот до десетта титула во ЛШ?

По долгата сезона, со многу одложени натпревари и промени на системот и формата на натпреварувањето, Европа денес ќе добие нов првак по финалето во ракометната Лига на шампиони. 

Во него, најтрофејната Барселона втора сезона во низа ќе ја брка десеттата јубилејна титула во елитата, а овојпат барем на хартија ќе има полесен ривал од лани. Дански Алборг ќе го предизвика шпанскиот гигант за престижниот трофеј. Данците се дебитант на завршниот турнир, испишуваат клупска историја со самото присуство во Келн, а враќањето и пресвртот со ПСЖ од вчера дефинитивно им дава за право да сонуваат чудо. 

Полуфинале кое многу наликуваше на тоа меѓу Вардар и Барселона од 2019 година, кога каталонскиот тим водеше убедливо, но „црвено-црните“ се вратија и победија во луд пресврт. Така вчера Алборг, губеше со пет голови во второто полувреме, но се стегна и со мала доза на среќа се врати и го остави ПСЖ без ново финале. 

Мотиви не недостигаат за двата тима, но едно е сигурно - кој и да освои ќе биде историски. Дали Барселона ќе стане по десетти пат европски првак или пак Алборг прв пат, ќе видиме попладнево од 18:00 часот во „Ланксес Арена“ во Келн.

Претходно во „малото финале“, Кирил Лазаров и Нант ќе се пресметаат со ПСЖ.