Мотор Запорожје влегува во СЕХА лигата, македонските клубови ќе патуваат за Украина

Полека завршуваат националните првенства и се дефинираат сите 12 учесници во регионалната СЕХА лига. Македонија ќе ја претставуваат Вардар и првпат во историјата Еурофарм Работник, а покрај битолчани, новајлии во лигата ќе бидат и Кинезите од Пекинг Универзитет.

Со оглед на тоа што Стеауа нема да учествува, а се враќа Веспрем, веројатно недостига само уште последниот 12-ти учесник. Според шпекулациите на украинските медиуми, постигнат е договор со првакот на оваа земја, Мотор Запорожје, кој за првпат би бил дел од регионалната лига.

Челниците на Мотор се согласиле на барањата на СЕХА и по последната инспекција треба да биде потпишан договор. Така, уште еден редовен учесник на Лигата на шампионите ќе игра во СЕХА лигата, што е голем плус за квалитетот и компетитивноста.

Сезонава со Мотор, шампионската титула ја одбрани македонскиот репрезентативен кружен напаѓач Жарко Пешевски.