• Иван Димовски
Репрезентацијата на Норвешка доживеја елиминација во полуфиналето на женскиот олимписки ракометен турнир, откако загуби минимално од Русија (27-26).
Според најквалитетната ракометарка на Норвежанките, Нора Морк, судиите многу ѝ помогнале на Русија. Несвојствено за себе, Морк со остри коментари практично ги нападна арбитрите по натпреварот.
„Навистина е тешко да давате голови кога останувате без топка. Јас сум шокирана од арбитражата со Русија. Мислам дека моравме да бидеме десет пати подобри, за да победиме и да играме финале. Тие секогаш ја добиваа топката, откако судиите им ја препуштаа. Судијките Бонавентура ми го уништија сонот“, изјави Морк по елиминацијата.
Инаку, правдата на овој дуел ја делеа сестрите Жули и Шарлот Бонавентура. Морк даде десет голови, но залудно, бидејќи Норвешка загуби и ќе се бори за бронза во Токио.