Мораеш: Загреб го совлада РНЛ, сега ние сме на ред да го добиеме Кристијанштад

Рожерио Мораеш, пивотот кој ги брани боите на Вардар, ја надмина повредата на коленото и се врати во стројот на „црвено-црните“. Големиот борец на линијата од шест метри потенцира дека е подготвен за дуел со Кристијанштад, на кој силно се посакува победа за успешен крај на годината.

„Се чувствувам подобро, бев надвор од терените одредено време поради повреда, но сега се е минато. Се враќам на тренингот на Вардар и сакам да играм во последниот меч против Кристијанштад пред божиќната пауза. Во последните мечеви тимот функционира добро, сакаме уште еднаш да го победиме овој ривал, поготово откако Загреб го совлада РНЛ. Ова е последен меч за нас дома, ако го добиеме, додатните два бода ќе не остават на врвот во групата, во поволна позиција. Победа над Кристијанштад би била важна за нас, но и за нашите фантастични фанови кои прават одлична атмосфера“, вели Мораеш за Gol.mk.

Вардар е лидер во групата „А“, а со триумф над Кристијанштад европскиот шампион ќе се зацврсти на првото место, пред гостувањето во Барселона, на 10 февруари. Дуелот меѓу македонскиот и шведскиот тим се игра в сабота од 17.30 часот.