„Мора да внимаваме на Периќ, Еурофарм Пелистер игра одличен ракомет“

Спортинг одлично ја отвори сезоната во Европската лига и со три победи и само еден пораз е на лидерската позиција на табелата во групата Д. Но, сега пред „лавовите“ претстои натпревар против разиграниот Еурофарм Пелистер, кој пак е единствениот тим во групата кој нема пораз три меча во низа. 

Еден од најдобрите ракометари на португалскиот тим, Јонас Тидеманд, истакна дека битолскиот клуб поседува голем квалитет и дека нивна најголема опасност ќе биде Јосип Периќ, кој оваа сезона игра во фантастична форма. 

„Сакаме да играме дома пред нашите навивачи и со нивната поддршка ни е полесно. Против Еурофарм Пелистер сакаме да продолжиме да победуваме.

Одлично е да се биде дел од Спортинг и да се игра пред ваква публика. Еурофарм Пелистер игра одличен ракомет и има цврста одбрана. Генерално, тоа е добар тим и има добар плејмејкер, на кој мораме да внимаваме“, рече данскиот ракометар.

Натпреварот меѓу Спортинг и Еурофарм Пелистер, со кој ќе биде затворен првиот дел од групната фаза во Европската лига, се игра вечерва од 20:45 часот.