Монпелје со нови бодови во Полска, рутинска победа на Савехоф

Монпелје ја продолжи победничката серија и прокнижи нови бодови на гостувањето кај Киелце (27-29) во четвртото коло од Лигата на шампионите.

Францускиот претставник го изненади противникот со брза игра и непредвидливост во нападот. Одбраната на Талант Душебаев имаше проблеми да ја прочита играта на гостите, кои постојано беа во позитива од два-три гола. 

Клучниот период се случи на десет минути до крајот, кога Монпелје набрзина врза неколку гола и се одлепи на највисоки +4. Финишот сепак беше неизвесен и донесе голема борба за победата, која заврши кај францускиот тим.

Мохамед Суси беше расположен за надигрување и лидер кај победничката екипа со шест погодоци. 

Во групата каде што настапува Еурофарм Работник, ракометарите на Савехоф очекувано го победија фенерџијата во групата Татран Прешов (23-28). Гзим Салихи со десет гола беше најдобар поединец на натпреварот, а кај поразениот првак на Словачка најефикасни беа Муњоз Кабесон со осум и Грзентиќ со четири гола. 

Динамо Букурешт со полн плен се врати од Русија, каде што го совлада првакот на оваа земја, Чеховски медведи со 20-30. Хрватот Кудуз со шест и Асолтанеи со пет гола беа најзаслужни за гостинскиот триумф на првакот на Романија.

Дуелот на белорускиот и украинскиот прбак му припадна на Мешков Брест, кој во „Викторија Арена“ го победи поранешниот клуб на Жарко Пешевски, Мотор Запорожје со 33-31 (16-19). Првакот на Шпанија, Барселона го надигра норвешкиот шампион Елверум со 33-24, а најмногу во таборот на Пасквал се истакнаа Циндриќ со седум и Томас со шест гола.