Монпелје, ЦСКА или Магдебург се можните ривали на пелистерци во ЕЛ

Четирите победи во серија скоро сигурно го квалификуваа тимот на Еурофарм Пелистер во елиминационата фаза на Европската лига. Од исходот на последните две кола, како и двата натпревари на Трими Требње и ГОГ Гудме (следниот вторник и среда во Љубљана) зависи математичката потврда, а и местото кое битолчани ќе го заземат пред осминафиналето.

Не е неважно дали екипата на Жељко Бабиќ ќе заврши на второто, третото или четвртото место. Денешното одложување на натпреварот од деветтото коло против Рајн Некер Левен, предвидено за следниот вторник, веројатно ќе донесе службена победа од 10-0 на македонскиот претставник. Така, бројот на бодови би пораснал на единаесет и без разлика од исходот на заостанатите натпревари на ГОГ Гудме и Кадетен Шафхаузен, на последниот натпревар во Швајцарија, Еурофарм Пелистер ќе игра за второ место во групата. Во таква комбинација на резултати три екипи ќе се борат за второто место и решавачки ќе бидат натпреварите од десеттото коло Рајн Некар Левен - ГОГ Гудме и Кадетен Шафхаузен - Еурофарм Пелистер. 

Ако завршат како второпласирани, пелистерци ќе играат најнапред во гости на 23 февруари, а една недела подоцна ќе го решаваат четвртфиналистот во Битола. Трето и четврто место во групата носи прво домашен натпревар во „Боро Чурлевски“. Расплетот во групата Ц, со која вкрстува Еурофарм Пелистер најавува прво место за Магдебург, а за второто се борат руската ЦСКА Москва на Атман и Дереван и францускиот Монпелје со Шего, Симонет и Мелвин Ричардсон. Русите и Французите треба да играат двапати меѓусебе и од тие натпревари ќе зависи финалниот пласман.

Не е за занемарување и податокот што помеѓу двата натпревари од осминафиналето, Еурофарм Пелистер ќе го игра и првиот дерби дуел од плеј-офот против Вардар во Скопје, на 28 март. Сепак, против кој и да се сретне, тимот од Битола веќе ја оствари целта и направи драстичен чекор напред од ласнкото дебитантско учество во Лигата на шампионите, кога оствари биланс од три победи и седум порази.