• Мартин Танасковски
Финалниот меч меѓу Мешков Брест и Еурофарм Пелистер во Болу (35-31) беше тензичен и цело време се играше доста агресивно, а првиот дел понуди и три сини картони по еден инцидент кој се случи на крајот од првиот дел. Дека овој дуел во Турција може да има неславен епилог се најави со повлекувањето на Еурофарм Пелистер од терен на три минути пред крајот.
При резултат 32-31 за белорускиот првак, Мешков Брест имаше напад. Иако едниот играч направи пробивање, а вториот го удри Радивојевиќ при влез, ама и тогаш судиите не досудија топка за македонскиот првак и по тој напад ривалот погоди за 33-31. Бранислав Ангеловски веднаш потоа повика тајм-аут и ја повлече екипата од теренот.
Прекинот траеше подолго време, двете страни имаа разговори, се разговараше и со делегатите, но македонскиот првак реши да го доигра мечот без енергија и без мотивација и доживеа пораз.
Поради настаните во финишот, тренерот Бранислав Ангеловски доби црвен картон.