Молк во Хамбург, Норвешка ја „тресна“ Германија за второ мундијалско финале

За првпат во историјата две скандинавски селекции ќе играат за светската титула во машки ракомет. Норвешка ја надигра Германија во Хамбург во второто полуфинале со 30-25 (14-12) и вторпат по ред ќе игра мундијалско финале. Дуелот беше норвешки монолог, лекција по модерен ракомет и прв фатален пораз за бундес-тимот на шампионатот.

Домаќините, носени од Андреас Волф на голот, подобро започнаа и поведоа со 3-1. Но, Норвежаните максимално го искористија исклучувањето на Пол Друкс и поведоа со серија 3-0. Магнус Род со четири гола во половина полувреме беше одговорот на Скандинавците за Уве Генсхајмер.

Германскиот селектор Кристија Прокоп го стави Силвио Хајневетер на местото на Волф, но по два гола на Кристијан Бјорнсен и еден на Сандер Сагосен со човек помалку, Норвешка побегна на +2. Прокоп веднаш повика тајм-аут во 23. минута при 9-11. На три минути до одморот, првпат момците на Кристијан Берге поведоа со три гола разлика. Иако бундес-тимот реагираше, Магнус Јондал погоди седмерец со звукот на сирената за 12-14 по првиот дел.

„Црвено-сините“ одлично го отворија продолжението и кога Еивинд Танген погоди веќе беше +4 и Прокоп побара тајм-аут. Хендрик Пекелер во 44. минута го заработи третото исклучување и предвреме го заврши полуфиналето. Сагосен ја презеде одговорноста и со две „бомби“ пак ги одлепи момците на Берге.

Фабиан Бем со инвидуалности се обиде да ја врати Германија, но Торбјорн Бергеруд одбрани две топки и момците на Берге без драми го приведоа мечот кон крај до финална победа од 30-25. Лоша вест за норвешкиот тим е повредата на најдобриот играч на полуфуналето, Род, кој беше изнесен кривејќи и со помош на соиграчите.

Најефикасни во германскиот табор беа Генсхајмер со седум и Бем со шест гола, а кај Норвешка се истакнаа Род со седум, Бјарте Мирхол и Сагосен со по шест погодоци. Големото финале се игра во Хернинг в недела од 17:30 часот.