Моќно издание на младата Македонија, Турција падна во Ван со ДЕВЕТ разлика

Убедливото издание и високата победа над Луксембург се чини не беа случајни. Македонија повторно одигра моќно во евро-квалификациите и ја запиша втората победа во групната фаза, прва на гостински терен. Во турски Ван, македонските ракометари го демолираа домашниот состав, во воведните минути се изборија за серија од 0-9, а потоа на рутински начин ја сочуваа позитивата и на крај славеа со 27-36.

Нашите избраници го оставија зад себе убедливиот триумф над Луксембург во првото коло и со голема претпазливост пристапија на овој дуел. Селекторот Кирил Лазаров за Турција отпатува со неколку новајлии во својот состав и повратникот Дејан Манасков, кој поради ситна повреда го скокна првиот дуел. Впрочем, искусното крило на Вардар 1961 беше единствено по левата страна, бидејќи Цветан Кузманоски остана на трибини, а денес во ростерот се најдоа уште Петров, Младеновиќ и Томовски. 

Лазаров со речиси идентичен прв состав како оној во Скопје, ја започна „битката“ со Турците. Ѓоргиев повторно доби предност пред Кузмановски, а токму по негова асистенција Жарко Пешевски го отвори резултатот, по првиот наш напад на натпреварот.

На стартот капитенот Никола Митревски повторно блесна на голот. Македонската „единица“ цели 14 минути не прими гол, а за тој период стрелаа Талески, Манасков, Јагуриновски, Костески... за неверојатна серија од 0-9. Во моќниот старт се надоврза и Томовски со одбранет пенал. По катастрофалниот старт, и серијата промашување, Каракоч ја презеде одговорноста во својот тим и со три брзи погодоци ја намали негативата, но не ја доби посакуваната поддршка од соиграчите. Македонија одлично го искористи тоа и во 28 минута за првпат дојде до двоцифрена предност (7-17), а до крајот на полувремето прими само уште еден и на пауза замина со комотно водство од девет гола разлика.

Во првиот дел за Македонија погодија дури девет ракометари. Најпрецизен беше Манасков со четири, а по три имаа Јагуриновски и Талески. Митревски во првите триесет минути собра шест интервенции. Кај Турците Каракоч постигна четири гола.

Моќното издание во првото полувреме и високата предност не ги опушти избраниците на Лазаров. Напротив, Македонија продолжи во ист ритам и на стартот од вториот дел и во 40. минута одново поведе со десет гола. Турскиот селектор, Окан Халај проба со двајца кружни напаѓачи да ја пробие македонската одбрана, донекаде и успеа во тоа, но Македонија остана на сигурна дистанца и во финалните десет минути влезе со предност од седум гола (23-30). Во завршницата шанса за докажување во нападот добија Петров и Атанасијевиќ и одлично ја искористија. Македонија рутински го доигра натпреварот на крај славеше огромна победа од 27-36.

Филип Талески беше нашиот најдобар поединец во Ван. Бекот на Вардар натпреварот го заврши со седум гола, а неговиот соиграч Манасков застана на пет гола. Во вториот дел солиден беше и Томовски со пет интервенции. За Турција се истакна Каракоч со седум гола.

Следен противник на Македонија во евро-квалификациите ќе биде селекцијата на Португалија, во март следната година, но претходно нè чека Светското првенство во Шведска и Полска, каде сме во група со Норвешка, Холандија и Аргентина.