• Мартин Танасковски
Европскиот ракометен првак Вардар на домашен терен во нов натпревар демонстрира моќ и го декласира шведски Кристијанштад со сигурни 31-15 (14-8), за нова победа во Лигата на шампионите и успешен крај на натпреварите во елитата за 2017 година.
Со леснотија македонскиот гигант го здроби Криситјанштад, кој имаше голема криза во нападот и цел натпревар постигна само -.- гола. На тој успех кумуваше Арпад Штербик, кој забележа над 15 интервенции и беше главен виновник за големиот успех. Чуварот на мрежата бранеше и им „сервираше“ топки на ракометарите во нападот, а тие ги претвораа во гол. Кристијанштад во вториот дел за 20 минути постигна само еден гол, со што се најави сигурната победа за зацврстување на првата позиција во ЛШ.
Шампионот почна доста сериозно во натпреварот и диктираше темпо цел дуел. Со добра одбрана успеа да го покрие на моменти неефикасниот напад, а Кристијанштад немаше решение и за фантастичниот Арпад Штербик кој беше во елемент во воведните 20 минути од средбата.
Првите петнаесетина минути беа воглавно неефикасни (6-3), но потоа стрелците се „распукаа“. Кристијанштад за 23 минути постигна само пет гола во вардаровата мрежа (10-5), а до финишот на првиот дел, гостите од Шведска беа тотално надиграни и заминаа со негатива од шест гола (14-8).
На отворањето на вториот дел Вардар повторно ја стегна одбраната и направи серија од 4-0, преку Чупиќ, Дибиров и Мораеш, за висока предност од 18-8, прва, двоцифрена на средбата. Кристијанштад за тој период имаше проблеми со исклучувањата, а во еден момент играше и со двајца ракометари помалку.
Кризата во нападот на Кристијанштад продолжи и понатаму, затоа што гостите за вкупно 20 минути дадоа само еден гол во мрежата на Вардар. Дефанзивците во „црвено-црна“ опрема на чело со Абутовиќ и Македа беа перфектни, но исто така, тука беше и Арпад Штербик кој во 50. минута од мечот броеше 16 одбрани (25-9).
Во последните десет минути Вардар влезе со предност од 16 гола (26-10), а до финишот, иако Гонзалез ротираше и им даде шанса на сите ракометари да влезат на терен, сепак, разликата остана онаа од 16 гола што беше и претходно на семафорот во СЦ „Јане Сандански“.
Најдобар во победата беше Тимур Дибиров со седум гола, а го следеа Игор Карачиќ со пет и Иван Чупиќ со четири гола. Арпад Штербик забележа 17 одбрани (16+1п.). Кај Кристијанштад, Соренсен заврши со четири постигнати гола.
Вардар со триумфот остана единствена непоразена екипа во Лигата на шампионите, а во Лигата на шампионите продолжува во февруари, кога гостува кај шпанска Барселона.