• Зоран Мишевски

Поранешниот европски првак, Будуќност од Подгорица го претрпе вториот пораз во групата Б на Лигата на шампионите. Подобри од девојките на Бојана Поповиќ беа ракометарките на Мец, кои славеа во „Морача“ со 28-36.
Од самиот почеток Мец се наметна, играше цврста одбрана и со лесни голови на Бразилката Алмеида и Клое Валентини дојде до +6. Ниту замени, ниту тајм-аут не донесоа промени во инерцијата на натпреварот и на одмор се замина со 16-21. Со толку голем број примени голови црногорскиот тим не можеше да се надева на позитивен резултат.
Следеше почеток со многу грешки во вториот дел, Годец и Раичевиќ дојдоа до -4, но тоа беше максимумот на овој тим на Будуќност. Валентини и Хорачек ја завршија работата и Мец извојува победа од 28-36.
Најефикасни во тимот на Мец беа Алмеида де Паула со девет и Валентини со седум гола, додека кај Будуќност се истакнаа Милена Раичевиќ со десет и Ивана Годец со седум погодоци. Со три победи и едно реми Мец е водечки во групата, го следи романски Рапид, а Будуќност е петтопласиран, со послаб скор и од Ѓер и Есбјерг.