Моќната Македонија го декласира Исланд и застана на еден чекор од баражот за СП!

Женската ракометна репрезентација на Македонија го надигра Исланд со 21-29 (10-16) и стигна до вториот триумф во квалификациите за Мундијалот. За да се обезбеди бараж, девојките, предводени од Симе Симовски, ќе мора да ја победат Турција и да го потврдат првото место на табелата. 

По нашата прва техничка грешка, гостинот поведе и најави брза игра во офанзива. Нашите репрезентативки имаа мали проблеми во организацијата, поради одбраната 5-1 на Исланѓанките, но набрзо истите ги надминаа со серија од два гола. Штеријова и Саздовска погодија за пресврт и прво македонско водство во раната фаза од натпреварот.

Крилото Стефансдотир погоди за 3-3, а Ристовска на спротивната страна промаши пенал, па гостинската репрезентација со одлична акција за својот кружен напаѓач одново го презеде водството. Високиот пресинг на Исланд, нашата репрезентација го користеше со брза комбинаторика, која ни донесе прва предност од три гола разлика по 13 минути игра. Тоа го натера тренерот Агуст Пор Јохансон да побара минута пауза за своите избранички.

Петковска имаше свој период и неколку одбрани во низа, а тоа нападот го искористи за да изгради чувствителна предност од 5-11. Потоа следуваше мал пад во нашата игра, кој им овозможи на противничките да врзат четири реализации во низа и целосно да се вратат во игра. Ѓорѓиевска и Ристовска возвратија во иста мера, погодија за серија од 4-0 на Македонија, па позитивата во наша корист повторно се искачи на +6 (10-16).

Во првите десет минути од продолжението се играше гол за гол, гостите не успеваа да ни парираат во ниту еден момент, а од рака ни одеше дури и играњето со играч помалку. Саздовска од крилна позиција постигна прекрасен лоб и не однесе на највисоки 14-22, што беше најава на конечното славје. Одново исландскиот селектор повика тајм-аут, но тоа не донесе никакви промени во продолжението.

Петровска продолжи со своите интервенции, а казните по контра нападите ги сервираа брзите крила, Саздовска и Ристовска, кои одлично одговорија на нејзините асистенции. Перфектното издание на македонските ракометарки им донесе висока победа од 21-29, како најава за она што следува во третото коло, кога ќе ги одмериме силите со турската репрезентација.

Ристовска со девет и Саздовска со седум погодоци беа најефикасни во македонската репрезентација, а кај Исланѓанките, Стефансдотир и Палсдотир постигнаа по пет гола.