• Горан Упале
Екипата на Линц ја запиша првата победа во плеј-аутот на австрискиот шампионат, откако по неверојатен пресврт славеше на свој терен над тимот на Грац со резултат 34-32 (14-19).
Иако домаќините беа во лоша ситуација по првите 30 минути и имаа негатива од пет гола, во вторите одиграа фантастично и заслужено ги впишаа првите бодови во борбата за опстанок во австриската елита.
Најзаслужен за големата победа на Линц беше поранешниот македонски репрезентативец Никола Костески, кој одново одушеви и ги собра симпатиите кај фановите на тимот. Македонското крило имаше историска вечер, затоа што зад своето име забележа 12 гола, кои се негов личен рекорд во дресот на Линц.
Благодарение на головите на Костески, Линц се врати во трката за опстанок, а поранешното крило на Металург одново доби индивидуално признание и беше избран за играч на натпреварот.