Моќен триумф на Македонија на стартот на патот кон ЕП 2028

Ракометната репрезентација на Македонија имаше успешен старт на квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое се игра во 2028 година. Нашиот национален тим го победи Луксембург (41-23) во првиот меч кој се одигра во Скопје.

Очекувано, македонските ракометари демонстрираа моќ против аутсајдерот во групата и си ја завршија домашната задача, пред вториот квалификациски дуел против Грција кој се игра на гостински терен за неколку дена.

Уште од почетокот на мечот, Македонија тргна фуриозно, се одлепи на 5-1. Како што течеше времето, така разликата растеше. Луксембург немаше решение во нападот, против себе го имаше и расположениот Мартин Томовски, кој во 20 минути собра десет одбрани, а Македонија имаше 14-4. Имаше брза игра без прекршоци, во овој период првиот гол во дресот со државниот грб го даде дебитантот Дмитро Горига.

Двоцифрената разлика на семафорот во Скопје остана и до финишот на првото полувреме (20-10). Во второто полувреме не видовме некаква реакција на тимот на Дидие Динар. Луксембург немаше шанси да парира, во ниту еден наврат не беше на едноцифрена негатива. Македонија само ја зголемуваше предноста и откако обезбеди 15 гола на десет минути пред крајот, го приведе дуелот кон мирен финиш и своја корист.

Во нашиот состав, Никола Костески имаше шест гола, пред Александар Петковски и Мартин Серафимов со по пет гола. Кај Луксембург, Винсент Крејселмајер имаше осум постигнати гола. Следниот квалификациски меч за Македонија на патот кон ЕП 2028 е на гостински терен во Грција, закажан на 8 ноември со почеток од 16:00 часот.