Моќен старт на домаќинот, Египет не се ни испоти против Чилеанците

Египет ја оправда фаворитската улога и со лесна победа над Чиле го отвори 27-то Светско првенство во ракомет. Попладнево во Каиро, селекцијата на поранешниот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо го надигра јужноамериканскиот ривал со 35-29 (18-11). 

Домаќинот од самиот почеток покажа сериозен пристап и со добра игра во одбрана се одлипи. Омар Јахиа и Елдера Јехиа го полнеа чилеанскиот гол и по 5-2 и 9-5, Матео Гаралда повика минута одмор. Само чилеанските бекови погодуваа, но техничките грешки силно противникот ги казнуваше. На одмор се замина со 18-11 и веќе беше трасиран патот кон победа.

Со висок процент на реализација на Египќаните и мал број на одбрани на чилеанските ракометари започна вториот дел. Предноста од 6-9 гола царуваше во најчувствителниот период од натпреварот, па победникот брзо беше решен. Следеше ротација на двајцата селектори и без притисок Египет го приведе натпреварот кон крај до победа од 35-29.

Најдобри поединци во египетскиот табор беа Елдера со шест, Јусри даде пет, а Санад и Јахиа по четири гола, а кај Чилеанците се истакна Ервин Фохтман со седум погодоци. На египетскиот гол бранеше Карим Хандави, кој денес потпиша за Еурофарм Пелистер и во иднина ќе го гледаме на нашите терени. 

  • Извештај од натпреварот: 

Вториот натпревар од првото коло во оваа група, Македонија и Шведска ќе го одиграат утревечер од 20:30 часот.