Мојсовски: Темелковски е мој избор, верувам дека ќе биде одличен за Струга

Наумче Мојсовски, македонската ракометна легенда, а сегашен сопственик на Струга, го коментира назначувањето на Илија Темелковски за нов тренер на тимот крај езерото и вели дека од него очекува да биде полн погодок.

Темелковски пристигна на местото на Андон Бошковски, а некогашниот репрезентативец на Македонија вели дека добро го познава и од него очекува да има добри резултати со стружани.

„Задоволен сум како одигравме во минатата сезона. Оваа година сакаме да одиме скалило понапред и да обезбедиме место во плеј-офот. Имаме нов тренер, во името на Илија Темелковски, кој беше мој личен избор, затоа што долги години работевме заедно и ми беше тренер и во репрезентација и во клуб. Знам со каков квалитет располага, Македонија со него ги постигна најголемите успеси. Како за пример, тој беше тренер на младинското СП пред две години, на кое нашиот национален беше шести во светот. Верувам дека ќе биде одличен во Струга.“, изјави Мојсовски.

Првиот предизвик за Темелковски како тренер на Струга ќе биде традиционалниот струшки турнир, на кој домаќинот е во група заедно со Пролетер и Еурофарм Работник.