Мојсовски ја напушта претседателската функција во Струга, заминува и од РФМ

Македонската ракометна легенда Наумче Мојсовски пред неколку дена и официјално го наследи Дарко Каевски и e именуван за нов директор на Агенцијата за млади и спорт.

Поранешниот голем борец на ракометните терени во следниот период ќе има задача да ја продолжи одличната работа на неговиот претходник и со неговото големо искуство да го подигне нивото во македонскиот спорт. 

Но, поради тоа е приморан да си замине од двете функции кои досега ги извршуваше. Поточно, ќе го напушти кормилото на ракометниот клуб Струга, а нема повеќе ниту да биде дел од управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија. Oваа информација за Gol.mk ја потврди Мојсовски, велејќи дека поради судир на интереси мора да ги напушти двете претходни функции.

Така, ракометниот клуб Струга кон крајот на овој месец ќе одржи вонредно собрание, на кое Мојсовски ќе ја поднесе оставката и на истото ќе биде назначен нов претседател и нов Управен одбор на клубот.

Мојсовски долго време беше дел од Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија, по завршувањето на играчката кариера активно е вклучен во сите ракометни активности, а сега неговите ингеренции се однесуваат на целиот македонски спорт и спортското движење.

Агенцијата за млади и спорт комплетно го подигна спортот во нашата земја во последните неколку години, посебно со воведувањето на ваучерскиот систем, со кој многу клубови застанаа на здрави нозе и ги решија егзистенционалните проблеми.