Мојсовски, Алушовски, Димовски, Ангеловски дел од Меморијалниот турнир „Таста-Лара“

Следниот викенд во Прилеп ќе се одржи првиот Меморијален турнир за ветерани „Таста-Лара“. Во чест на Петар Кузманоски-Таста и Влатко Коруноски-Лара кои починаа минатата година, ЗС „Млади ветерани“ ќе организира оригинален турнир за ветерани на отворено.

На турнирот ќе бидат присутни голем број легенди на македонскиот ракомет, а потврдени се и две репрезентации на Македонија за ветерани. Првата ја предводи Пепи Манасков и долго време игра заедно, а втората под име млади ветерани деновиве го потврди настапот.

Водена од Илија Темелковски и Андон Бошковски, во овој тим ќе настапат Наумче Мојсовски, Ванчо Димовски, Бранче Ангеловски, Гоце Макалоски, Стевче Алушовски, Александар Јовиќ, Александар Петровски и уште многу, многу други.

Кузманоски беше дел од „златната“ генерација на Тутунски комбинат и еден од најзаслужните за подемот на клубот во кој и ја заврши кариерата. Цела една деценија го носеше дресот на Тутунски комбинат, важеше за еден од најборбените ракометари и подеднакво важен и во одбраната и во нападот. По завршувањето на кариерата започна тренерска кариера и најнапред со најмладите, а потоа и со ракометарките оствари одлични резултати. 

Влатко Коруноски беше дел од репрезентацијата на Македонија, беше голем талент и препознатлив беше по специјалитот – гол од „мртов агол“.