Мојсов: Вујовиќ е голем мотиватор, ни доаѓа полетен и агресивен ППД Загреб

На последниот натпревар на домашен терен оваа година, Еурофарм Работник утре во Битола го пречекува хрватскиот шампион и поранешен СЕХХА првак, ППД Загреб. По четири последователни порази во регионалната лига, „фармацевтите“ веруваат дека можат да ја прекинат серијата на неуспеси.

Тренерот Божидар Мојсов пред натпреварот кој се игра во 17:15 часот изјави:

„Сите знаеме кој ривал ни доаѓа утре. Доаѓа млада и мотивирана екипа, предводена од играчката и тренерска легенда Веселин Вујовиќ. Тој е човек ги мотивира младите ракометари, играат агресивно и многу добро. Сигурен сум дека ќе одиграме изедначен и докрај неизвесен натпревар. Имаме мали повреди, Кукоски ја обнови повредата, уште не сме залечени, но ќе парираме на големиот ривал.

Ги повикувам сите симпатизери, да дојдат да нè бодрат, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка“.

По завршувањето на овој дуел, на битолчани им преостануваат уште гостувањата кај Веспрем и Спартак Москва.