Мојсов: Имавме две тешки недели, се надевам ќе пронајдеме сила да се вратиме

Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер ги заврши своите настапи во Европската лига, откако не се избори за изненадување на реваншот во Магдебург и одново загуби со 35-24.

Поради позитивен ковид-тест, Жељко Бабиќ остана во Битола, па пелистерци вечерва беа водени од помошникот Божидар Мојсов, кој по натпреварот со германскиот гигант изјави:

„Честитки за Магдебург, нè надигра во двата меча. Тие се одлична екипа и им посакувам да го освојат трофејот во ова натпреварување. Имавме две тешки недели и густ распоред, а исто така бевме без неколку повредени играчи. Се надевам дека ќе пронајдеме сила за да се вратиме на вистинскиот пат“.

Следен предизвик за битолчани е Куп натпреварот против Младост в четврток, а потоа и дуелот од СЕХА лигата в сабота со Татран Прешов во Словачка.