
И покрај „крпениот“ состав младиот Пелистер прикажа одлична партија и играше рамо до рамо со поискусниот противник, но на крај пресуди искуството и бодовите заминаа за Скопје.
Искусниот Златко Мојсоски за Gol.mk истакна дека во Битола секогаш било тешко да се игра и нема лесни бодови без разлика на квалитетот на противникот.
„Во Битола секогаш е тешко да се игра, без разлика со каков квалитет располага противникот. Така беше и против овој млад и неискусен Пелистер. Сепак, на крај бодовите ги собравме ние и сакам да им честита на соиграчите за победата. На Пелистер му посакувам што побрзо да се консолидира и да игра важна улога во оваа сезона.
За нас ова беше прва официјална средба и грешките беа видливи, но со напорна работа се надеваме дека ќе ги надминиме. Сега треба да одиме чекор по чекор, од коло во коло да играме сè подобри и во оптимална форма да го пречекаме дуелот со Запоржје во ЕХФ Купот. Во ракометот се е можно, така што сите карти се на маса“, вели искусното крило.
Во следното коло Бутел пред својата публика ќе го пречека тимот на Радовиш, додека Пелистер гостува во Струга.