Мојсоски: Градското дерби нема фаворит, публиката ќе ужива во нов ракометен спектакл!

Ракометна Битола е во исчекување на новото градско дерби меѓу екипите на Еурофарм Работник и Пелистер. Ждрепката од плеј-офот на Суперлигата одреди битолските ривали да се судрат уште во првото коло, а еден од најискусните ракометари на „фармацевтите“, Златко Мојсоски за Gol.mk истакна дека, иако посакува победа на својата екипа, оваа сезона се докажа дека градското дерби нема изразит фаворит.

„Со почнувањето на плеј-офот, секоја победа или бод се важни, па така како и секое досега одиграно дерби меѓу Еурофарм Работник и Пелистер очекувам машка и фер игра. На претходните дуели се покажа дека нема изразит фаворит, оваа сезона двете екипи се радуваа на по една победа над градскиот ривал. Одлично се подготвуваме во овој период и со машка борба и паметна игра ќе стигнеме до посакуваната победа и старт со бодови во плеј-офот. Исто така, сакам да ги поканам битолските вљубеници на ракометот да дојдат во што поголем број на овој спектакл и да уживаат во убавината и борбата што ќе ја прикажат двете екипи“, вели десното крило.

Оваа средба ќе биде нивна трета сезонава, откако на претходните двете екипи извојуваа по една победа. Во есенскиот дел славеа пелистерци со 17-25, додека пред две седмици поуспешена беше екипата на Еурофарм Работник со 22-25. Мечот кој ќе се одигра во салата „Младост“, на програмата е денес со почеток од 19.00 часот.