• Иван Димовски

Ракометарите на Младост 1977 и Еурофарм Пелистер 2 одиграа драматично реми (30-30) во натпреварот од шестото коло на Суперлигата на Македонија.
- Комплетниот натпревар меѓу Младост 1977 и Еурофарм Пелистер 2:
Средбата тргна израмнето, домашните поведоа со два гола предност (3-1), а иако ривалот пријде на 5-4 следуваа два гола за Младост за „плус три“. Продолжи подобрата игра на домашните ракометари, па со два врзани гола стигнаа до 9-5. Гостинот постигна еден, а потоа Младост со три во низа стигна на максимални „плус шест“ (12-6). До полувремето пелистерци намалија до 14-11, резултат со кој се замина на одморот.
Еурофарм Пелистер 2 вториот дел го отвори онака како што го затвори првиот, ја комплетира мини-серијата од 0-3 и стигна до егал по долго време (14-14). Младост почна одново и повторно успеа да стекне сигурна предност (23-18). Во последните десет минути домашните влегоа со 26-22, меѓутоа во завршницата понуди голема драма. Битолчани успеаја да се вратат до егал во 58. минута (29-29), а до крајот погодија уште Пејиќ и Илиески од пенал. Младост имаше напад за победа со доволно време на семафорот, меѓутоа се заглавија и доби само фаул. Во последните три секунди домаќините имаа прекршок и топка од девет метри, но погрешија и испуштија шанса да победат.
Со девет гола најефикасен играч на средбата беше Даниел Андоновски од Младост, додека „осум од осум“ имаше Божидар Илиески кај „зелено-белите“ од Битола.





