Младост ја надигра Струга и обезбеди суперлигашки статус!

Ракометарите на Младост 1977 се последниот учесник на Суперлигата за сезоната 2026/27, откако во баражот славеа против Струга со 25-22. Натпреварот кој се одигра во салата „Андон Димитров“ во Скопје понуди драма во првиот дел, а потоа досегашниот второлигаш го скрши отпорот на клубот кој сезоната ја мина во елитата на мак-ракометот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Струга и Младост:

Стартот на средбата беше израмнет и се играше егал, а прв со два гола разлика поведе Младост (3-5). Успеаја стружани да се вратат до 6-6, но тогаш дозволија противничка серија од 0-4. И покрај тоа, Струга успеа да се консолидира и до полувремето се варти до 10-11. 

Во вториот дел Младост само еднаш беше во негатива, па како што минуваше времето почна да се наметнува. Последен пат нерешено беше во 41. минута (15-15), а потоа тимот од Богданци направи серија од 1-7 со која направи сериозен исчекор кон победата. Оваа предност беше недостижна за Струга до крајот на средбата. 

Со шест гола најефикасен во победничкиот табор беше Даниел Андоновски, а по пет дадоа Никола Димитров и Жоао Габриел Диас. Во таборот на Струга најдобар беше Филип Мечкароски со шест погодоци.