Младост гради сериозен тим, екс-репрезентативец на Молдавија пред преселба во Богданци

Новиот суперлигаш, Младост Богданци не сака да има споредна улога во новата сезона во македонската елита, па затоа раководството на клубот интензивно работи на екипирање на својот ростер. 

Откако својот тим го засили со неколку домашни играчи, на ред дојде да пазари во странство. Како што информираат од клубот, пред преселба во Богданци е поранешниот репрезентативец на Молдавија, Александар Лупашко.

„Младост Богданци благодарение на поранешниот голман Денис Потапкин е во финална фаза од преговорите со првото инернационално засилување во нашата екипа поранешниот репрезентативец на Молдавија Александар Лупашко (висок 193 сантиметри), кој настапува на позиција лев и среден бек. Младост Богданци продолжува со градење на тимот кој во новата сезона по 12 години вракање во Суперлигата ќе има за цел сигурен опстанок кој ке значи задржување на Младост во елитата, место кое регионот и Богданци го заслужува“, велат од клубот. 

Искусниот бек во последната сезона настапуваше за францускиот третолигаш Сегре, а своевремено ги бранеше и боите на Картина Тираспол, Хапоел Рамат Ган...