Младите ракометари на прием кај министерот по успехот на ЕП во Словенија

Македонскиот министер за спорт, Борко Ристовски, денес на свечен прием се сретна со ракометната репрезентација за играчи до 20 години, која се врати од Словенија. Младите ракометари го освоија одличното деветто место на M20 EHF EURO и дадоа знак на светла надеж за иднината на најважниот спорт во државата. 

Министерот Ристовски им се заблагодари на репрезентативците за успешното претставување на земјата и упати искрени честитки до младинците, стручниот штаб и федерацијата. Македонија на Европското првенство загуби само еднаш, а до деветтото место стигна со победата над силната и моќна Франција.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, упати голема благодарност за севкупниот учинок на ова првенство на ракометните надежи и стручниот штаб, истакнувајќи дека приоритетите на РФМ ќе останат со истиот фокус: системско работење со сите младински репрезентативни категории, за достојно претставување на македонскиот ракомет и создавање идни македонски ракометни репрезентативци.

Нашите надежи „за влакно“ не се пласираа во четвртфиналето, но потоа прикажаа феноменални игри во мечевите за конечен пласман. Министерот Ристовски на социјалните мрежи напиша дека овој успех е плод на напорната работа, посветеноста и нивната тимска игра.