Палевски даде 16 гола, Работнички лесно против Металург 2

Ракометарите на Работнички ја запишаа првата овосезонска победа во Суперлигата, откако попладнево во последниот натпревар од третото коло славеа во „прволигашкото“ дерби против Металург 2 со 38-31.

Со овој премиерен успех, Работнички се искачи на шестата позиција на табелата во Суперлигата, додека младите металурзи кои се уште се без победа остануваат на деветтото место, веднаш над Вардар Јуниор. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Работнички и Металург 2: 

Мечот во СРЦ „Кале“ започна со борбена игра на двете страни, во која подобро се снајдоа домаќините и по првите десет минути стигнаа до позитива од четири гола (8-4), а потоа имаа и највисоки 14-7. Но, младите избраници на Котевски, засилени со новото десно крило Никола Стоилевски, не се предадоа и до паузата успеаја да намалат на пет гола негатива, 16-11. 

Во вториот дел Металург 2 на неколку наврати притисна и се доближи до два гола разлика, но во самиот финиш Работнички покажа поголема желба за победа и заслужено триумфираше со 38-31.

Палевски со 16 гола беше убедливо најдобар поединец на натпреварот, а кај поразениот тим Стојановиќ постигна шест, а Кофиловски и Меловски запишаа по пет погодоци.

Четвртото коло на Суперлигата на програмата е овој викенд, а највозбудливо се очекува да биде во Скопје на мечот меѓу Металург и Пелистер.