• Редакција Gol.mk

Последните неколку сезони македонскиот младински ракомет полека си го наоѓа своето место во европската ракометна реалност. Учествата на големите европски и светски приредби во последните две години се јасна назнака дека работата во клубовите се развива во нормален колосек. Бројот на млади момчиња кои професионално се занимаваат со ракомет од ден на ден расте, како во нашата земја, така и меѓу нашите луѓе во странство. Таков е примерот со младиот кружен напаѓач Ник Ванев, кој одлично се развива во младинската лига на Швајцарија.
Иако нема ни седумнаесет години, младиот Ник Ванев, е дел од една од најдобрите младински екипи во Швајцарија, Амичитија Цирих. Следниот месец Ванев ќе наполни 17 години, а игра во шампионатот до 19 години за момчиња родени 2005/06 и помлади.
Ванев првите чекори ги направи во академијата на познатиот швајцарски репрезентативец; а сега селектор на сениорската селекција Михаел Сутер. Во професионалните води пред неколку години му помогна Мартин Поповски, македонскиот репрезентативец кој и денес настапува за сениорската екипа на Амичита Цирих.
Во есенскиот дел од шампионатот на Швајцарија, екипата на Ванев е неприкосновен лидер во својата возрасна категорија и по второто и третото место во претходните две сезони, јуриша кон титулата. Со настапите на турнири во Чешка и Унгарија, македонскиот кружен напаѓач стекна дополнително искуство и со големи чекори граби кон сениорската екипа на Амичитиа Цирих, а во иднина можеби и кон некоја од нашите репрезентации.