Еурофарм Пелистер 2 доведе уште еден младински репрезентативец

Новиот член на Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2, и во новата сезона ќе биде најмлад тим и во ростерот ќе има многу членови на младинската репрезентација. Откако Мирче Калајџиевски беше прекомандуван во Еурофарм Пелистер, каде што е и Давид Брестовац, летово во тимот на Зарков пристигна Шулески од Тиквеш, а сега по неговите стапки тргна и Јован Даневски.

Младинскиот ракометен репрезентативец од денес официјално е нов играч на Еурофарм Пелистер 2, објавија од битолскиот клуб. 21-годишниот Даневски до пред еден месец настапуваше за екипата на Тиквеш, а сега се сели во Битола, каде се очекува да биде солидно засилување за екипата. 

„Засилувањата со репрезентативно педигре и натаму се цел на новиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2. Деснито крило на младинската репрезентација на Македонија, Јован Даневски, е нов член на Еурофарм Пелистер 2. Се работи за 21-годишен кумановчанец, кој до пред еден месец настапуваше за ГРК Тиквеш.

Неговото претставување е предвидено веднаш по почетокот на припремите во клубот“, стои во објавата на клубот.

Даневски ќе ја засили конкуренцијата на позицијата десно крило и ќе му се стави на располагање на тренерот Александар Зарков кон крајот на месец јули, кога ќе започнат и подготовките за новата сезона.

Во младиот ростер на Еурофарм Пелистер 2 уште играат и Белистојановски, Митревски, Маркоски, Младенов, Димовски...