• Мартин Танасковски
Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши младинското Светско првенство (СП) во Скопје со пораз. Нашиот национален тим во разигрувањето по поразот од Јужна Кореја загуби и од Кина (23-25) и така заврши на 16-тата позиција на планетарниот собир.
Македонија го започна натпреварот според планот, имаше предност од 3-6 на почетокот против Кина, но потоа ривалот фати приклучок и цело време дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ беше во егал. Наизменично двете селекции го менуваа водството до полувремето, а на пауза Македонија замина со минимална предност (11-12).
Во вториот дел, пак Македонија тргна добро и беше во плус од два гола, но од 13-15, Кина фати ритам, замина на 18-16 и потоа цело време водеше од еден до два гола, за трета мундијалска победа и 15. место на СП У20.
Најдобар стрелец во тимот предводен од Црногорката Сузана Лазовиќ беше Хонгјан Жуанг со шест гола, пред Чангчинг Ху со пет гола, додека кај Македонија, Емилијана Ризоска имаше одличен меч со 11 гола, а ја следеа Младеновска и Равојска со по три реализации.
Македонија У20 ја мина првата фаза со победи над САД и Ангола, а загуби од Исланд. На стартот на втората фаза, ремизиравме со Португалија, а потоа следеа порази од Црна Гора, Јужна Кореја и Кина.