• Горан Упале

Ракометната селекција на Македонија до 20 години со пораз го започна Европското првенство, откако во првиот натпревар од групата Д загуби од Норвешка со 36-31 (18-14).
Нашите надежи одлично го започнаа натпреварот и играа рамо до рамо со фаворизираниот противник повеќе од половина полувреме. Во тој период водството наизменично се менуваше, но потоа следуваше мал пад во играта на Македонија и Норвешка искусно го искористи тоа. Скандинавците влегоа во ритам и почнаа да градат разлика, која што на полувреме застана на четири гола (18-14). Во овој период најдобри поединци во нашиот состав беа Јулијан Матески со пет гола и Христијан Гурмешевиќ со три.
Во вториот дел норвешките ракометари продолжија со силното темпо, кое одново му создаде проблеми на момците на Игор Илиевски. Македонија не можеше да најде соодветен одговор, па на крај мораше да се задоволи со пораз од 36-31.
Одличен впечаток кај нашиот состав оставија Бобан Поповски и Матески со по шест гола, а Ѓоќески и Гурмешевиќ завршија со по четири постигнати гола. Во рамки од групата Д нашите ракометари треба да одиграат уште со Хрватска и Данска.
