• Мартин Танасковски

Младата 16-годишна Ива Младеновска ја напушти Македонија и тргнува во првиот интернационален предизвик. Ракометарката која игра на десната бековска позиција потпиша во Франција, каде ќе игра за звучниот Брест Бретањ.
Младеновска со успех го носеше дресот на ЖРК Металург, а потпиша договор со Брест до 2027 година. Се работи за сериозен колектив кој игра во Лигата на шампионите и на кого таа гледа како голем предизвик.
„Сонував еден ден да играм за големите ракометни клубови во Европа, а сигурно е дека Брест е еден од нив. Сега мојот сон се оствари и многу сум возбудена за стартот со новата екипа. Бев на тест во овој клуб, имам убави спомени, атмосферата беше фантастична, а со секој играч со кој разговарав ми кажа добри работи“, изјави Младеновска.
Девојката не е исплашена од првиот странски предизвик. Напротив, го чека со голема возбуда и желба за докажување пред француската публика.
„Ракометот во Франција е на многу повисоко ниво и се надевам ќе му помогнам на клубот во иднина. Јас сум млада ракометарка, а Брест е идеалниот клуб за мојот развој. Уживам кога играм како десен бек, шутирам од девет метри, ја сакам еден на еден играта и сакам да завршувам напади. Можам да им ветам на сите дека ќе го дадам максимумот секогаш на терен и се надевам дека заедно ќе славиме многу победи“, заврши македонската ракометарка.
Брест Бретањ игра во Лигата на шампионите, а европската сцена ќе биде идеална можност за Младеновска да го покаже својот квалитет.