Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди учесниците во женската Лига на шампионите за сезоната 2026/27, а меѓу клубовите кои добија „вајлд-карта“ се најде и Борусија Дортмунд, тим каде што oд новата сезона ќе настапува една македонска репрезентативка.
Германскиот клуб е еден од шесте тимови чии барања за надградба на статусот беа прифатени од ЕХФ, со што обезбеди место во најелитното европско натпреварување. Покрај Дортмунд, дополнителни места добија и Оденсе, Никибинг Фалстер, ФТЦ, Сола и ЧСМ Букурешт.
Во новата сезона ќе настапат вкупно 16 екипи, поделени во две групи од по осум тима, а меѓу нив ќе бидат и европските великани како Ѓер, Мец, Брест, Будуќност, Глорија Бистрица, Есбјерг, Крим, Подравка и Бломберг.
Посебно значајна вест за македонскиот ракомет е што Ива Младеновска ќе биде единствената македонска ракометарка која ќе настапува во женската Лига на шампионите во сезоната 2026/27.
Младеновска, која наскоро треба да биде претставена во дресот на Борусија Дортмунд, ќе има можност да се натпреварува против најдобрите европски клубови, а воедно ќе биде и единствен македонски претставник во најсилното клупско натпреварување на Стариот континент.



