• Иван Димовски
Вардар 1961 ја победи Бенфика (33-27) и си обезбеди пласман во нокаут рундите на Европската лига на ЕХФ. Пред одлично пополнетите трибини на СЦ „Јане Сандански“ скопскиот тим ја оправда фаворитската улога и заслужено победи.
По натпреварот на средбата со медиумите својот став освен тренерот Иван Чупиќ го сподели и Урош Митровиќ, кој кажа:
„Честитки до екипата за феноменалната борба во текот на целиот натпревар. Едноставно како што кажав пред натпреварот, им останавме должни и не се покажавме во најдобро светло во Лисабон. Дојде време да се докажеме во Скопје и успеавме во тоа. Победивме со резултат кој беше посакуван за пласманот да биде подобар. Наша најголема предност во текот на целиот натпревар беше одбраната, од таму почнуваше сè. Како одигравме во текот на сите шеесет минути добивавме и самодоверба и амбиција и сè почнуваше од таму“.
Со овој триумф скопскиот тим има сигурно осминафинале, додека остана во игра и за директен пласман во четвртфиналето ако го победи Мелсунген во завршната рунда.






