• Мартин Танасковски
Никола Митревски ќе биде еден од голманите на Еурофарм Пелистер во новата сезона во која ќе се напаѓа „тројната круна“ на домашната сцена, како и следна фаза во Лигата на шампионите.
За искусниот чувар на мрежата овој клуб не е непознаница, со оглед на тоа што претходно настапуваше за пелистерци. Митревски вели дека секогаш е чест да се игра за Еурофарм Пелистер и очекува добра сезона.
„Секогаш е убаво кога се враќаш дома, без разлика дали кратко или долго. Оваа приказна со Еурофарм Пелистер трае и чест и задоволство е што пак имам шанса да бидам дел од екипата во која што почнав да играм, пред своите сограќани, во својот град. Во овој клуб се работи правилно, доказ за тоа е што се доби „вајлд-карта“ за Лигата на шампионите. Еурофарм Пелистер оди по правата линија кон успехот.
Ќе бидеме дел од кремот на европскиот ракомет, исто така и публиката ќе има можност да присуствува на спектакли каде секој меч е посебно доживување. Екипата е спој на домашни и странски играчи, искусни и помалку искусни. Очекувам да бидеме сплотени и сите заедно да ги оствариме клупските цели кои се пред нас“, изјави Митревски.
Македонскиот репрезентативец ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер по третпат, а во мак-ракометот се враќа од португалски Порто.