Митревски собра 19 одбрани, Доброгеа Суд се избори за мајсторка со Динамо Букурешт

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Никола Митревски уште еднаш е јунак на романскиот победник на Купот, Доброгеа Суд од Костанца. Битолчанецот во второто коло од плеј-офот блесна против Динамо Букурешт и беше најзаслужен за победата на својата екипа од 27-20. Сега резултатот во серијата 1-1 и владее полна неизвесност за патникот во полуфиналето.

Митревски запиша 19 одбрани и го заслужи епитетот - играч на натпреварот. Одличен во одбраната беше Велко Марковски, а водството на Доброгеа Суд од првата до последната минута ја покажува нивната доминација во мечот. Мајсторката е предвидена за 29 април во Букурешт.

Мајсторка ќе играат и Гоце Георгиевски со ЦСМ Букурешт против Темишвар на Златко Даскалоски. Први полуфиналисти по само два натпревари се Стеауа и Турда.