Митревски: Со стил се пласиравме на Европското првенство и таму има што да кажеме!

Ракометната репрезентација на Македонија ја победи Литванија со убедливи 26-17 и се пласираше на уште едно Европско првенство, момците на Кире Лазаров одиграа моќен натпревар. Ова за нашата репрезентација ќе биде осмо учество на континентален собир по ред, вкупно девето.

Еден од ракометарите со најмногу учества на големите приредби, Никола Митревски, смета дека заслужено патуваме во Скандинавија и таму ќе има што да кажеме. 

„Пред почетокот на овие два натпревари рековме дека сме фаворити и убедливо ги добивме. Со стил се пласиравме на Европското првенство. Благодарност до публиката, која, како и секогаш, беше фантастична. Можеби на почетокот бевме поспори, но по десетина минути ја пробивме почетната криза и игравме како што се договаравме и трениравме и покажавме дека заслужено ја победивме Литванија и се пласиравме на Европското првенство. 

Ниту на првиот, ниту на вториот натпревар не калкулиравме со резултат, туку сакавме да победиме и да покажеме дека сме подобри. Убедени бевме во успех и покажавме дека со право патуваме на Европското првенство и очекувам таму да го покажеме својот збор“, рече нашиот највозрасен ракометар. 

Од Европското првенство во Србија, македонската репрезентација постојано е на големите ракометни приредби. Покрај осум Светски и седум Европски првенства настапи и на два турнири од олимписките квалификации.