• Горан Упале
Ракометната селекција на Македонија со по еден пораз, победа и реми се врати дома. Групната фаза од Европското првенство ја завршивме на третата позиција на табелата, а по триумфот над Романија нашиот искусен голман Никола Митревски истакна дека главната цел е остварена, и се надева дека на следниот шампионат ќе дојде тоа повеќе што сите го посакуваат.
„Главна цел ни беше да победиме, па макар тоа било и со еден гол разлика. Добро го отворивме мечот, ни се даде шанса да бркаме резултат за следна фаза, имавме пет разлика, напад за шест, а откако промашивме зицер, потоа некако го загубивме тој ритам во нападот. Исто и во одбраната дозволивме брзи голови на Романците. Израмнија пред крајот, победивме со гол во последна секунда, ама мислам дека славјето е заслужено, иако останува тага за тоа што не успеавме да победиме со поголема разлика.
Треба да се учи од овие мечеви, игравме против трикратен светски првак, полуфиналист од последното првенство кој се стреми на медал на овој настан, оценката е позитивна, но не е целосна. Исто како и на претходното првенство, за нас велеа дека е успешно, ние го прифаќаме како такво, но останува доза на разочараност. На претходното првенство ако двата нерешени меча беа победи можевме да направиме поголем исчекор. Се надевам дека на следното првенство ќе дојде тоа нешто повеќе“, рече Митревски.
Македонија шампионатот во Данска, Норвешка и Шведска го заврши на четиринаесеттото место.





