Митревски: Сакавме полесна победа, пак се виде дека нема „лесни“ во ракометот

Никола Митревски во финишот со интервенција ја спаси Македонија во Турција и донесе победа (24-25) која широко ги отвори вратите кон Европското првенство (ЕП) како првопласирани во групата.

>>> ВИДЕО: Митревски е „златно момче“, со маестрална одбрана спаси победа во Турција!

По натпреварот, чуварот на мрежата за Gol.mk изјави дека сите посакувале полесна победа, но Турција покажала голема борба и уште еднаш се покажало дека нема лесни селекции во ракометот.

„Среќен сум за одбраната, победивме во еден тежок натпревар. Знаевме дека Турците ќе бидат силно мотивирани, исто како и нас. Можеби очекувавме нешто полесна победа, но се докажа дека нема „лесни“ во ракометот. На крајот среќата и искуството беа на нашата страна, што беше пресудно за оваа победа на гостувањето“, ни изјави Митревски.

Следен предизвик за Македонија ќе биде домашен натпревар против Грција, кој е закажан на 16 јуни во Струмица. Доколку нашиот национален тим остане непоразен во овој дуел, загарантирано е првото место во групата и втор шешир на ждрепката за ЕП 2020 во Виена.