Митревски: Покажавме дека можеме да се надигруваме со големите екипи во ЛШ

Екипата на Пари Сен Жермен на индивидуален квалитет во самиот финиш го скрши отпорот на жилавиот Еурофарм Пелистер и ја запиша првата победа во новата сезона во Лигата на шампионите. Конечниот резултат од 33-27 не ја покажува вистинската слика од настаните на парискиот паркет, затоа што македонскиот тим попушти во самиот финиш и дозволи домаќинот да слави толку висока победа.

„Покажавме дека можеме да се надигруваме со големите екипи и дека имаме квалитет. Го знаеме тоа и малку ни фалеше да влеземе во неизвесна завршница. Натпреварот беше решен во три минути, малку и ние попуштивме во финишот, не успеавме да издржиме до самиот крај. Одиме понатаму, треба да анализираме каде згрешивме. Неколкуте технички грешки во нападот се чини беа одлучувачки за овој пораз.  

Нашата цел е да одиме од натпревар во натпревар и да победиме на што е можно повеќе натпревари. Покажавме дека можеме да се носиме со сите и дека имаме квалитет. Сега треба добро да се подготвиме за следните предизвици, прво во Алкалоид во првенството, па со ГОГ во ЛШ“, рече искусниот голман Никола Митревски.

Пелистерци утре се враќаат од Париз, а веќе в недела ги чека дуел со Алкалоид во Скопје, а потоа во среда во Битола гостува данскиот вицешампион.