• Зоран Мишевски
Искусниот голман на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, го најави натпреварот против ПСЖ во Лигата на шампионите и потврди дека атмосферата во таборот на „зелено-белите“ е одлична после победата над Загреб.
Иако ПСЖ можеби не е главен фаворит за титулата годинава, сепак, Митревски предупредува дека овој тим е секогаш вистински гигант во европскиот ракомет.
„Било каков и да е, ПСЖ е гигантот во ракометот и општо во спортот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика.
Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастеретени на гостински терен во Париз.
Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште одсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде - нека биде“, заклучи популарниот „Никуч“.
Еурофарм Пелистер има два бода од победата над Загреб во првото коло од Лигата на шампионите. Натпреварот против ПСЖ ќе се одигра на 18 септември во вечерниот термин од 20:45 часот.






